Eкономско зајакнување на жените од рурални средини

Во прекрасниот амбиент на Меморијалниот центар „Коџаџик“, познат како Спомен куќа на таткото на Кемал Ататурк во с.Коџаџик во Центар жупа, денеска, 13 октомври 2023, здружението Радика-ДЕ од Дебар и Граѓанската иницијатива на Жени (ГИЖ) од Свети Николе потпишаа меморандум за соработка.

Со потпишувањето на меморандумот Радика-ДЕ и ГИЖ се обврзаа на блиска соработка и го отворија патот за градење партнерства и заедничко промовирање на економското зајакнување на жените од рурални средини.

На средбата се обратија претседателката на Радика-ДЕ, Фадрија Мустафовска, претседателката на огранокот на Радика-ДЕ  во Центар Жупа, Бенази Шемовска, Ирина Поцкова, претседателка на ГИЖ, како и Ранкица Божиновска која ги претстави можностите што ги нуди Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) и ја претстави организацијата Моја фарма од Гостивар.

На настанот беа изложени и промовирани ракотворби и органски производи од  жените претприемачки од Дебар, Центар Жупа, Гостивар и Свети Николе.

Настанот е дел од локалната акција за економско зајакнување на руралните жени „Сличностите не зближуваат“ на здружението Радика-ДЕ која се спроведува во рамките на  проектот „Здружени за активно граѓанство“ на НВО Инфоцентар, со поддршка од Европската Унија.